Грб на Претседателот на Република Северна Македонија
Грбот на Претседателот на Република Северна Македонија е усвоен на 2 декември 2009 година, на иницијатива на четвртиот претседател, д-р Ѓорге Иванов.
Тој претставува црвен штит со сонце со осум зраци, мотив преземен од државното знаме, химната и сегашниот „грб“. Штитот е обрабен, обратно обоено. Под него е поставен венец од две вкрстени гранки од ендемичниот Македонски даб (Quercus macedonica) со по осум листови и осум желади.
Грбот е изработен од Стојанче Величковски, Јован Јоновски и Петар Гајдов, сите членови на поранешното Македонско хералдичко здружение, кое од 2018 година не постои.
Во процесот на изработка на грбот авторите добиле стручна поддршка од Александар Куров од Германија, Виктор Ломанцов од Русија, Жељко Хејмер од Хрватска и Стојан Антонов од Бугарија, сите докажани меѓународни експерти за хералдика и вексилологија.
Од денеска, 12 мај 2024 година, грбот ќе го претставува шестиот претседател и првата жена претседател на Република Северна Македонија, д-р Гордана Силјановска Давкова.