Олимпискиот тим на Велика Британија доби грб

Хералдика

Олимпискиот и параолимпискиот тим на Велика Британија доби свој грб, доделен и од Хералдичките Кралеви на Англија и од Лорд Лајон Кралот на грбови на Шкотска. Грбот е изработен по петиција на НКВ Кралската принцеза Ана, претседател на Британската олимписка асоцијација и НКВ Принцот Едвард, патрон на Британската параолимписка асоцијација.

Автор на блазонот на грбот е Клајв Чизмен, Ричмонд хералд во Колегијатот на грбови, а на емблазонот е Тимоти Ноуд, докажан хералдички уметник на Колегијатот. Грбот претставува резултат на 18-месечна соработка помеѓу Колегијатот, Адидас и двете асоцијации.

На штитот, кој е во традиционалните црвена и сина боја на Велика Британија, е претставен сплет од флоралните симболи на четирите нации – розата на Англија, трнот на Шкотска, празот на Велс и ленот на Северна Ирска. Симболите ги држи соединети во центарот ланец од четири алки. Четирите алки го симболизираат четиригодишниот циклус на олимписките/параолимписките игри. Воедно, нивната форма алудира на формата на атлетската патека како центар околу кој се одвиваат игрите.

Мотото „IUNCTI IN UNO“ („Соединети во едно“) го симболизира единството на четирите нации во Обединетото Кралство, но и единството на спортистите од различните спортови во еден тим.

Штитодржачите се лавови кои држат олимписки факели и кои се окрунети со ловорови венци. На челенката, пак, се наоѓа и трет лав кој исто така во раката држи факел и е окрунет со ловоров венец. Тој се издигнува од круна составена од штафети и три медали – златен, сребрен и бронзен.

Покрај традицоналната верзија на грбот, изработена е и модерна, дигитална верзија која, пак, е централниот елемент на дресовите на тимот. Автор на таа верзија на грбот е Квентин Пикок, графички дизајнер, илустратор и хералдички уметник.