Грб на Папата Франциск

Хералдика

Грбот на Папата Франциск е син штит на кој се претставени: златно сонце во раскош со 32 зраци на кое е испишан црвен христограм „IHS“ крунисан со крст над буквата „H“ и три црни клинци под неа; а во основата се претставени осумкрака ѕвезда и цвет од нард, обете златни.

Сонцето со христограм е амблем на монашкиот ред од кој доаѓа папата, Дружба Исусова (Исусовци или Езуити), ѕвездата ја симболизира Богородица Марија, додека цветот од нард го симболизира Свети Јосиф.

Штитот е опкружен со симболите на папското достоинство – над него е папската митра, а зад него се вкрстени златен и сребрен клуч соединети со црвен гајтан.

Мотото на папата е „MISERANDO ATQUE ELIGENDO“ и претставува пасус преземен од беседата на Св. Беда, каде се опишува како Исус го избрал Св. Матеј за свој апостол и во слободен превод значи: „СО МИЛОСТ ИЗБРАН“.

Инаку, грбот претставува изменета верзија на грбот кој папата го има уште од својата консекрација во 1991 година. Во својата оригинална верзија, како грб на кардиналот Бергољо, во основата на штитот се претставени сребрена петокрака ѕвезда и сребрен цвет од нард кој повеќе наликува на грозд.