Војвотката од Сасекс доби свој грб

Хералдика

Палатата Кенсингтон го објави грбот на НКВ Војвотката од Сасекс, Меган Маркл. Грбот ѝ е доделен на војвотката со одобрение на НВ Кралицата Елизабета II, а изработен е од хералдот Томас Вудкок, Хералдичкиот крал на жартиерата.

Грбот е соединет со грбот на нејзиниот сопруг НКВ Војводата од Сасекс, Принцот Хари и на него е претставенa симболика која ја отсликува нејзината родна Калифорнија, како и новиот дом во палатата Кенсингтон.

Сината боја на штитот го претставува калифорнискиот брег на Тихиот океан, а двата златни зраци кои се протегаат низ штитот ја симболизираат сончевината на нејзината родна земја. Трите пера симболизираат комуникација и моќта на зборовите.

Во тревата на подножјето под штитот се прикажани цветови од златен мак, државното цвеќе на Калифорнија, како и од химонантус, кое расте во палатата Кенсингтон.

Штитодржачот доделен на војвотката е окрунета сребрена песнопојка со отворен клун, која исто така симболизира комуникација.

Круната поставена врз штитот е круна која од 1917 година ја имаат сите деца на престолонаследникот и која се состои од два тевтонски крста, четири хералдички лилјани и две ливчиња од јагода.