Студенти на Харвард бараат промена на грбот на факултетот

Хералдика

Група на студенти, кои се нарекуваат „Ројал мора да падне“, бараат од Правниот факултет на Универзитетот Харвард да престане да го употребува својот грб бидејќи во себе содржи делови од грбот на семејство на робовладетели.

Имено, во 1781 година, робовладетелот Исак Ројал Џуниор во својот тестамент му го подарил сопствениот имот на Универзитетот Харвард и со тоа го овозможил создавањето на Правниот факултет. Поради тоа, во 1936 година, на својот 300-годишен јубилеј, факултетот одлучил во својот грб да ги вметне трите снопови пченица од грбот на семејството Ројал.

„Овој симбол го одредува духот на целиот универзитет и фактот дека на грбот гледаме како на нешто со кое треба да се гордееме кога тој претставува нешто мошне грдо, е огромно разочарување и претставува срам за целиот универзитет.“ – велат од групата студенти.

Факултетот формираше специјална комисија која ќе се занимава со ова барање на студентите и која до март 2016 година ќе донесе одлука дали факултетот ќе го задржи својот грб или не.

„Симболите се важни. Тие стануваат уште поважни кога на луѓето им е грижа за нив.“ – вели Марта Л. Миноу, декан на факултетот.

На крајот, јас само ќе се сложам со деканот дека симболите се важни и ќе ја споделам својата завист што го немаме истото ниво на грижа и значење на хералдиката и кај нас.