Претседателот Анджеј Дуда одликуван со Орден „8 Септември“
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски го одликуваше претседателот на Република Полска, г. Анджеј Дуда со Орден „8 Септември“.
Претседателот се одликува за неговиот исклучителен придонес во негувањето и во развивањето на дипломатските односи меѓу Република Полска и Република Северна Македонија, за неговото посветено застапување и зајакнување на стратешките цели на Северна Македонија, со цел зачленување во Европската Унија и во НАТО, како и за продлабочувањето на пријателските релации и стратешки соработки помеѓу двете земји на социо-културен план, што придонесува за демократските процеси на нашата земја.
Орденот „8 Септември“ се доделува на домашни и странски личности и организации за вонредни заслуги во конституирањето и изградбата на Република Северна Македонија, за исклучителен придонес за воспоставување и зацврстување на пријателски односи и соработка со други држави и меѓународни организации и афирмирање и јакнење на нејзината меѓународна положба и углед, како и за извонредни дела и заслуги на полето на безбедноста, одбраната и заштитата.