Оливера Наковска – Бикова, Бранимир Јовановски, Шабан Трстена и Дејан Георгиевски одликувани со Орден „8 Септември“

Фалеристика

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски ги одликуваше спортистите Оливера Наковска – Бикова, Бранимир Јовановски, Шабан Трстена и Дејан Георгиевски со Орден „8 Септември“.

Оливера Наковска – Бикова се одликува за својата извонредна, богата и успешна спортска кариера во параолимпиското и во спортското стрелаштво. Таа е повеќекратна државна шампионка и апсолутна рекордерка на Република Северна Македонија во дисциплината воздушен пиштол. Во оваа дисциплина го освои златниот медал на Летните параолимписки игри во 2012 година, со што придонесе за меѓународна афирмација и за угледот на државата.

Бранимир Јовановски се одликува за извонредните резултати во својата 20-годишна спортска кариера. Тој е првиот македонски параолимпиец кој освоил златен медал на една параолимпијада. Во текот на својата кариера освоил бројни сребрени, златни и бронзени медали на разни првенства и меѓународни натпревари. Значаен е неговиот огромен успех како тренер и како селектор, а избран е и за најдобар тренер на македонската репрезентација во стрелаштво за лица со попреченост. Неговиот придонес за меѓународна афирмација и за угледот на државата е огромен.

Шабан Трстена се одликува за освојувањето на златен медал во борење на Летните олимписки игри во 1984 година, запишувајќи се со златни букви во историјата на македонскиот и на светскиот спорт како најмлад олимписки шампион, како и за освојувањето на сребрениот медал на Летните олимписки игри во 1988 година и бронзениот медал на Светскиот шампионат во борење во 1982 година. Трстена е повеќекратен младински и сениорски првак на Југославија. Тој е прогласен за спортист на XX век на Република Северна Македонија. Шабан Трстена е пример како со извонреден успех може да се стане симбол на својата земја и на таков начин да се придонесе за нејзина меѓународна афирмација.

Дејан Георгиевски се одликува за постигнување историски најголем и повеќекратен успех во сферата на спортот од независноста на нашата држава. Со освојувањето на сребрениот медал на Летните олимписки игри во 2021 година во теквондо, прогласен е за најдобар спортист на Република Северна Македонија за 2021 година. Воедно, тој е добитник и на неколку сребрени и бронзени медали, со што придонесува за меѓународна афирмација и за угледот на државата.

Орденот „8 Септември“ се доделува на домашни и странски личности и организации за вонредни заслуги во конституирањето и изградбата на Република Северна Македонија, за исклучителен придонес за воспоставување и зацврстување на пријателски односи и соработка со други држави и меѓународни организации и афирмирање и јакнење на нејзината меѓународна положба и углед, како и за извонредни дела и заслуги на полето на безбедноста, одбраната и заштитата.