Одликувани Крсте Црвенковски, Невена Георгиева – Дуња и борци од НОБ
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски постхумно ги одликуваше Крсте Црвенковски со Орден на Република Северна Македонија и Невена Николова Георгиева – Дуња со Орден за воени заслуги, како и Никола Стојановски, Јован Величковски, Трајанка Аврамовска (постхумно), Илија Дуновски, Никола Николоски, Цветко Цветкоски, Кадрија Џафери и Дафинка Богоева со Медал за храброст.
Крсте Црвенковски се одликува за својот особен, стратешки, долготраен и неповторлив придонес во втемелувањето и во развојот на македонската држава и на македонското општество.
Невена Николова Георгиева – Дуња се одликува за извонредната храброст, пожртвуваноста, непоколебливоста и за лидерската улога во антифашистичката борба во работничките и во синдикалните движења.
Никола Стојановски, Јован Величковски, Трајанка Аврамовска (постхумно), Илија Дуновски, Никола Николоски, Цветко Цветкоски, Кадрија Џафери и Дафинка Богоева се одликуваат за пожртвуваноста, за истрајната борбеност и за животната посветеност на високите цели на заедницата, како и за целокупниот влог во Народноослободителната борба.
Орденот на Република Северна Македонија е највисокото државно одликување и се доделува на најистакнати личности кои имаат посебни заслуги во остварување на сувереноста и независноста на Република Северна Македонија, кои придонеле за развивање и зацврстување на соработката и пријателските односи со други држави и придонеле за афирмирање на земјата во сите сфери на општествениот живот.
Орденот за воени заслуги се доделува на припадници на безбедносни сили за успесите кои ги постигнуваат на тоа поле.
Медалот за храброст се доделува на припадници на безбедносните сили на Република Северна Македонија за искажана лична храброст и самопрегор на полето на одбраната, или во заштита на човечки животи или материјални добра во опасни ситуации.