Трајан Гоцевски, Логистичката база и Организацијата на резервни офицери одликувани со Орден за воени заслуги
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски ги одликуваше поранешниот министер за одбрана Трајан Гоцевски, Логистичката база при Армијата на Република Македонија и Организацијата на резервни офицери со Орден за воени заслуги.
Трајан Гоцевски се одликува за неговиот придонес во формирањето на армијата. Како прв министер за одбрана по осамостојувањето го воведе цивилниот модел на одбранбениот систем и е еден од архитектите во градењето на нашата независна и суверена држава.
Логистичката база при армијата се одликува за особениот, стратешки, долготраен придонес во планирањето, координирањето, организирањето и извршувањето на логистичката поддршка на командите и единиците на армијата.
Организацијата на резервни офицери се одликува за особен придонес во изградбата и јакнењето на одбранбената способност на државата и афирмирањето на воената професија, а по повод 70 години од нејзиното формирање.
Орденот за воени заслуги се доделува на припадници на безбедносни сили за успесите кои ги постигнуваат на тоа поле.