Македонисти одликувани со Медал за заслуги за Македонија
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски ги одликуваше македонистите Златко Крамариќ, Зузана Тополињска, Јоуко Линдстет, Јежи Русек (постхумно), Кшиштоф Вроцлавски (постхумно) и Далибор Брозовиќ (постхумно) со Медал за заслуги за Македонија.
Златко Крамариќ се одликува за неговиот непроценлив придонес за афирмацијата на македонскиот јазик и на македонската култура, за неговата амбасадорска дејност во поврзувањето на македонските и хрватските научни институции, како и во приближувањето на Република Северна Македонија кон евроатлантските иницијативи.
Зузана Тополињска се одликува за непроценливиот придонес за афирмацијата на македонскиот јазик и на македонската култура, како една од најактивните македонисти чиишто научни трудови се поттик за голем број домашни и странски научници.
Јоуко Линдстет се одликува за неизмерниот придонес за македонскиот јазик и за македонската култура при што остави траен белег како еден од најистакнатите македонисти во скандинавските земји.
Јежи Русек постхумно се одликува за исклучителниот придонес во развојот и одржувањето на студиите по македонски јазик и литература на Универзитетот во Краков со што придонесе за афирмација на македонскиот јазик. Неговите научни трудови и конференции и денес претставуваат поттик за младите генерации на македонисти.
Кшиштоф Вроцлавски постхумно се одликува за непроценливите заслуги за македонистиката и за посветеното проучување и истражување на македонскиот фолклор и на македонската народна раскажувачка традиција.
Далибор Брозовиќ постхумно се одликува за исклучително значаен придонес во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик и неговите дијалекти, со што ја задолжи македонската култура и македонската лингвистика ревносно промовирајќи ја на меѓународно ниво.
Медалот за заслуги за Македонија се доделува за развој и афирмација во сите области на животот и работата во земјата.