Романија ја врати круната на својот грб

Хералдика

Со закон усвоен на 11 јули 2016 година Романија го промени својот грб и на златниот орел на штитот е додадена Челичната круна на Романија т.е. круната на Карол I Кралот на Романија. Со ова грбот го враќа изгледот од предкомунистичкиот период, од времето на Кралството Романија.

Инаку, Челичната круна на Романија е изработена од челикот од топ кој романската армија го запленила од отоманската армија за време на војната за независност (1877-1878). Карол I Кралот на Романија го избрал челикот наместо злато во чест на романските војници и нивната храброст.

Романските власти треба да го заменат грбот најдоцна до 1 декември 2018 година, кога се одбележува 100-годишнината од обединувањето на Романија со Трансилванија.