Излезе од печат монографијата „Симболите на Македонија“ од м-р Јован Јоновски

Вести

Во издание на издавачката куќа „Силсонс“ од Скопје излезе од печат монографијата „Симболите на Македонија“ од м-р Јован Јоновски, претседател и хералд на Македонското хералдичко здружение.

Со речиси 400 страници и преку 600 илустрации, ова дело претставува камен темелник на современото истражување и проучување на македонските симболи како низ историјата така и денес.

Јоновски со своето дело прави сериозен придонес во истражувањето на историскиот развој на грбовите на Македонија и на најдостоен начин го продолжува пионерскиот зафат на академикот Александар Матковски со делото „Грбовите на Македонија“ од втората половина на минатиот век.

„Симболите на Македонија“ претставува прво дело во македонската наука од овој обем кое се занимава со хералдиката не како помошна историска дисциплина, туку како самостојна мултидисциплинарна наука која во себе опфаќа историски, културолошки, социјални и правни односи меѓу грбовите и нивните грбоносци и грбовите меѓу себе.

Делото е напишано во научно-популарен стил и е поткрепено со илустративен материјал, што го прави исклучително интересно четиво. Монографијата е во продажба во книжарниците на „Матица македонска“ и „Табернакул“ во Скопје.