Општина Сопиште доби хералдички грб
На седницата одржана на 29.9.2023 година, Советот на Општина Сопиште усвои нов, хералдички грб.
Централен симбол на грбот е стилизирана претстава на жртвеникот на „Големата Мајка“ пронајден на територијата на општината, на археолошкиот локалитет Церје во селото Говрлево. Со него се нагласува долгата и богата историја на општината.
Покрај него, на грбот се претставени грозд и црешов цвет, како симболи кои ја отсликуваат лозарската и овоштарската традиција на општината.
Околу штитот е поставен дабов венец, кој ги претставува дабовите шуми во општината, а над него палисадна круна која ја дефинира општината како рурална.
Автори на грбот се Иван Нацевски и Јован Јоновски.
Останува нејасно зошто општината во распишаниот конкурс за избор на нов грб од март 2023 година не вклучи и избор на ново знаме и како отсега ќе го користи постоечкото, со оглед дека на него е претставен стариот нехералдички „грб“ и знамето не соодветствува на вексилолошките правила и пракси.