Знаме на Европската унија

Вексилологија

Знамето на Европската унија се состои од сино поле со круг од 12 златни петокраки ѕвезди во средината. Тоа е усвоено на 8 декември 1955 година.

Тоа всушност е знаме на Советот на Европа, но во 1983 година најпрвин го усвојува и Европскиот парламент, а во 1985 и Европските заедници, за од 1993 година да се користи и како симбол на земјите и институциите на новоформираната Европска унија и покрај фактот што таа никогаш го нема усвоено како официјален симбол.

Уште од своето формирање во 1949 година, Советот на Европа бил свесен за потребата да ѝ даде на Европа еден заеднички симбол со кој ќе се идентификуваат сите нејзини народи. Така, во 1950 година е формирана комисија која ќе го избере овој симбол. Од 101-те предлози, комисијата ќе го избере предлогот на Арсен Aјц, службеник во поштенската служба на Советот, кој предложил знаме со 15 ѕвезди. Но, по барање на Советот на министри, баронот Пол Леви, тогаш директор на прес службата на Советот, ќе направи измена на бројот на ѕвездите и ќе го исцрта финалниот предлог кој подоцна Советот ќе го усвои како свој симбол.

Официјалниот опис за симболиката на знамето гласи:

„На позадина од сино небо, дванаесет златни ѕвезди формираат круг, што ја претставува унијата на народите на Европа. Бројот на ѕвезди е фиксен, дванаесет, како симбол на совршенство и единство.“