Знаме на Обединетите нации

Вексилологија

Знамето на Обединетите нации се состои од официјалниот амблем на организацијата во бела боја поставен централно на светлосина позадина. Тоа е усвоено на 20 октомври 1947 година со донесување на Резолуцијата 167 (II).

Уште при формирањето на ОН во 1945 година се наметнала потребата и желбата за создавање на знаме кое ќе ја симболизира организацијата. Така, државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Едвард Стетиниус Помладиот, кој претседавал со делегацијата на САД, формирал комисија предводена од архитектот Оливер Линколн Ландквист, која го развила дизајнот.

Амблемот на ОН, кој е централниот симбол на знамето, е дизајниран од архитектот Донал Меклафлин и е усвоен на 7 декември 1946 година. Неговиот официјален опис гласи: „мапа на светот која претставува негова азимутна еквидистантна проекција центрирана на Северниот Пол, впишана во венец составен од вкрстени конвенционализирани гранки од маслиново дрво, … Проекцијата на мапата се протега до 60-от степен јужна географска ширина и содржи 5 концентрични кругови“.

Маслиновите гранки го симболизираат мирот, додека мапата на светот ги претставува сите луѓе и земји во светот. Белата и светлосината боја се боите на Обединетите нации и ја симболизираат надежта и копнежот на луѓето низ целиот свет за мир и единство.