Дваесет години ново сонце
На 5 октомври оваа година се одбележаа дваесет години од усвојувањето на знамето на Република Македонија. Создадено во една мошне комплексна и тешка политичка состојба, тоа од самото раѓање понесе еден голем товар, товарот на неизбежниот отпор кон него, како резултат на притисокот воопшто да се менува државното знаме.
Свесен за оваа тешка состојба, д-р Мирослав Грчев, човекот кому му беше доверена задачата да го создаде новото знаме, наспроти очекувањата да создаде креација која ќе е оригинална и никогаш видена, ќе тргне во потрага по новото сонце во графичко решение со стилизации кои не се новина во вексилолошкиот и хералдички јазик и кои ќе се обидат да го намалат сиот очекуван отпор. Така, тој ќе дојде до решение на знамето со сонце кое ќе претставува симболички и идентитетски континуитет на „ѕвездата од Кутлеш“ и на ѕвездата „петокрака“ од претходните државни знамиња, но и на сонцето од државниот грб, со кое и има највеќе сличности во графичката стилизација. За потсетување, за сите детали околу целиот процес на создавање на новото знаме д-р Грчев пишуваше во „Македонски хералд“ број 5.
Така, таа 1995 година се роди „новото сонце на слободата“. Едни го негираа, други го сметаа за наметнато на сила, а трети, пак, се подбиваа и го нарекуваа „вентилатор“… Но, во сиве овие дваесет години, тоа беше знамето под кое се извојуваа големи спортски победи, се освојуваа светски планински џинови, под него многумина дури и ги дадоа своите животи. Тоа е знамето кое најчесто претставува симбол за Република Македонија, во недостаток на хералдички грб. Од него произлезе и грбот на Претседателот на Република Македонија.
За среќа, како одминуваат годините, така расте љубовта и почитта кон државното знаме. Граѓаните сѐ повеќе се идентификуваат со него и гордо го веат и истакнуваат. Ова е особено забележително кај помладите генерации кои не се обременети со веќе споменатиот политички товар кое го носи знамето. За нив, тоа не е „новото“ знаме. Тоа е, едноставно, знамето на Република Македонија.
Голема улога во сѐ поголемата прифатеност и почит кон знамето имаат и церемонијалните промени на знамињата пред Собранието и Владата на Република Македонија и пред резиденцијата на Претседателот на Република Македонија. Имено, од 2010 година, припадниците на батаљонот за почести и на воениот оркестар на Армијата на Република Македонија започнаа проект на церемонијална промена на знамињата пред државните институции.
Покрај ова, голема улога имаше и поставувањето на 30 метарските јарболи на кои гордо и високо се виори знамето на преку 50 локации низ државата.
Од вексилолошка гледна точка, знамето на Република Македонија секогаш е меѓу фаворитите на светските вексилолози, кои секогаш со симпатии зборуваат за него. Но, сепак, да не заборавиме дека недостига официјален и прецизен шаблон за конструкција на знамето и уште поважно – дефинирање на боите на знамето. Тоа се две вексилолошки недоследности кои би требало да ги отстраниме што поскоро.
Но, и со сиот товар кој го носи и со сите недоследности, едно е сигурно – знамето на Република Македонија е прекрасно! И треба сите со гордост да го истакнуваме и вееме. Нека ни е честит 20-годишниот јубилеј! Нека е вековито знамето на Република Македонија!
ZNAME.MK
Во 2013 година знамето на Република Македонија доби и своја веб-страница. Страницата е независен проект на Коста Стаматовски. На неа, покрај информации за знамето, може и да се преземат фајлови со знамето. Веб-страницата има и своја Фејсбук страница каде, меѓу другото, се креираат настани за редовните церемонијални промени на знамето пред Собранието и Владата на Република Македонија и каде се објавуваат фотографии од истите.
Оваа статија е публикувана во „Македонски хералд“ број 9.