Владата со предлог за хералдички грб на Република Македонија
На седницата одржана на 5 декември 2014 година, Владата на Република Македонија усвои нацрт-закон за нов грб на Република Македонија. Предложениот грб е хералдички и содржи црвен разгневен лав на златен штит, со мурална круна со пет кули.
Предлогот е базиран на традицијата на грбови поврзани со Македонија, почнувајќи со грбот од грбовникот на Жером де Бара од 1581 година, кој преку Стематографиите на Витезовиќ (1694) и Жефаровиќ (1741) ќе стане и земски грб на Македонија.
Златната мурална круна, која е украсена со бисери и рубини, треба да го симболизира републиканското уредување на државата.
Причините кои се образложени во предлогот се враќање кон историските симболи. Сегашниот грб на Република Македонија е во целост дизајниран според грбот на Советскиот Сојуз, според кој беа дизајнирани и грбовите на сите Советски Републики. Република Македонија и Белорусија се единствените земји во Европа кои сѐ уште користат амблеми инспирирани од советската хералдика.
Со донесување на овој грб, Република Македонија ќе се вброи во семејството на европските земји, како земја со европски стремежи, кои се грижат за своето минато, но и за својата иднина, промовирајќи заедништво и врзувајќи се за симбол кој не носи никаква поделба по ниту еден основ во себе, туку напротив создава единство на сите што живеат на овие простори, се наведува во предлогот.


