Логоата во македонската месна хералдика
Македонската месна хералдика изобилува со грбови кои не ги задоволуваат ниту основните хералдички правила и принципи и кои по своите карактеристики во суштина се логоа.
Во студијата „Месната хералдика во Република Македонија“, во „Македонски хералд“ број 6, м-р Јован Јоновски прави анализа и класификација на сите 83 грбови на единиците на локалната самоуправа во Република Македонија. Според таа класификација, во последната категорија, категоријата на нехералдички грбови, кај кои нема можност за хералдизација, се наоѓа поткатегоријата на логоа. Во таа група се сместени грбовите т.е. логоата на општините: Берово, Валандово, Кавадарци, Липково, Сарај, Чаир, Чучер-Сандево и Брвеница. Во оваа статија ќе се осврнеме на три од нив, на логоата на општините Валандово, Кавадарци и Чаир.
Пред да започнеме со анализа на логоата на овие општини, во недостаток на официјални податоци, како што се датумите на усвојување, официјален опис на елементите претставени на логото и логото во целина, името на авторот и слично, не е можна посериозна анализа на логоата и таа се сведува на личното истражување и толкување на симболите. Овие податоци беа побарани од општините, но сѐ до затворањето на овој број на „Македонски хералд“ тие не беа доставени.
Општина Чаир
Логото на Општина Чаир се наоѓа на тронот на нехералдичките грбови во Република Македонија. Тоа е единственото лого во вистинска смисла на зборот, кое се употребува како грб на општина. Логото се состои од златен квадрат со заоблени страни, на кој е поставен мошне линиски стилизиран сребрен мотив од Старата скопска чаршија.
Логото е усвоено од советот на општината во 2010 година, како резултат на неколку неуспешни обиди да се донесе решение за грб кое ќе биде прифатливо за сите етнички заедници кои живеат во општината.
Кај ова лого, белата боја, која во хералдиката се смета за сребрена е поставена врз жолтата, која се смета за златна боја, со што логото го прекршува едно од основните правила на хералдиката, правилото дека тие две бои т.е. металите не смее да се поставени еден врз друг. Дополнително, употребата на оваа комбинација на бои претставува проблем и при печатење на логото во црно-бела техника, поради мошне нискиот контраст на боите.
Логото е основниот мотив и на знамето на општината.
Општина Кавадарци
Логото на Општина Кавадарци е во препознатливиот „социјалистички пејзажен стил“, во кој се изведени голем дел од грбовите во Република Македонија. На него во преден план се претставени грозд и тутунов лист, како најзастапените земјоделски култури во општината, фабрички оџак кој треба да ја симболизира фабриката „Фени“, а во позадината веројатно е претставена висо-рамнината Витачево. Сето тоа е поставено на графички елемент во форма која треба да претставува афионова чушка.
За разлика од логото, пак, општината има вексилолошки и графички квалитетно решение на знаме. Така, едно можно решение за грб на општината е грб изведен од знамето, кое би се поставило на стандардниот штит, со што ќе биде во согласност со сите хералдички стандарди и кој ќе е во согласност со месно-хералдичкиот систем на Македонското хералдичко здружение. Блазонот на ваквиот грб би бил: расечен на сребро и црвено, 6 кругови (3,2,1) обратно обоено злато место сребро.
Општина Валандово
На логото на Општина Валандово е претставен споменикот-чешма кој се наоѓа во центарот на Валандово, а зад него е претставена планина, веројатно планината Плавуш, која ја оградува целата северна страна на Валандово. Сето тоа е поставено на графички елемент кој во горниот дел е слободно дизајнерски решен, додека во дното завршува во форма која треба да претставува калинка, како култура со која е богата општината. Кон дното на логото, попречно е претставена лента на која е испишано името на општината.
Од она што може да се забележи на ретките достапни фотографии од споменикот, поточно од присуството на петокрака ѕвезда и грбот на СФРЈ на него, се работи за споменик на НОБ. Поради тоа, како и поради исписот на името на општината, и за ова лого може слободно да се каже дека е во „социјалистички“ стил.
Она што е заедничко за речиси сите логоа е мошне нискиот квалитет на графичка изработка. Единствените верзии во кои се достапни логоата се со мошне лош квалитет, веројатно добиени со скенирање на стари документи и обработка по многу ниски графички стандарди. Ваквите логоа се користат дури и на официјалните документи и публикации на општините.
Македонското хералдичко здружение активно работи на подобрување на квалитетот и на стандардизација на месната хералдика во Република Македонија, па уште еднаш би апелирале до сите општини да се консултираат со здружението и да побараат помош уште при составувањето на конкурсите, а особено при изборот на финалното решение.
Оваа статија е публикувана во „Македонски хералд“ број 8.