Мавританија со референдум за промена на знамето
На референдум кој треба да се одржи до крајот на годината народот на Мавританија ќе одлучи дали да го промени своето знаме. Предлогот е да се додадат две црвени ленти на горната и долната ивица на сегашното знаме.
Иако додавањето на црвените ленти е во чест на саможртвата на националните маченици, предлогот за промена наиде на многу негативни реакции кај мавританците. Тие сметаат дека никој нема право да го менува знамето кое претставува симбол на националното наследство, единство и гордост.
Инаку, сегашното знаме на Исламската Република Мавританија е усвоено на 1 април 1959 година и ја заменило француската тробојка. Зелената боја на полето, како и полумесечината и ѕвездата го симболизираат исламот. Златната боја, пак, го симболизира песокот на пустината Сахара.
Останува да почекаме до крајот на годината и да видиме дали Мавританија ќе го промени знамето, или и во овој случај знамето ќе остане непроменето како во Нов Зеланд и Фиџи.