Медал за учество во хуманитарни или мировни операции
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски на 28.7.2023 година донесе одлука со која се уредува изгледот на Медалот за учество во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Северна Македонија.
Автор на ликовно-графичкото решение е Коста Стаматовски.
На медалот е претставена стилизирана ѕвезда со 16 краци со силно заоблени врвови на која се поставени зраци, глобус и стилизирана маслинова гранка.
Лентата и рибонот на медалот се комплементарни со лентите и рибоните на останатите медали и ордени, а се диференцираат со вметнување на сината боја.
Овој медал е воспоставен уште во 2012 година, а првпат е доделен на припадници на Армијата на Република Северна Македонија на 18.8.2023 година, Денот на Армијата.
Медалот се доделува на припадниците на безбедносните сили на Република Северна Македонија, како и на граѓаните на Република Северна Македонија ангажирани во активности во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Северна Македонија.
Медалот се доделува за секое учество во хуманитарни или мировни операции, и тоа:
• прво учество – медал со чист рибон и лента;
• второ учество – медал со бронзена ѕвезда на средина на рибонот и лентата;
• трето учество – медал со бронзена ѕвезда и број 1 на средина на рибонот и лентата;
• четврто учество – медал со сребрена ѕвезда на средина на рибонот и лентата;
• петто учество – медал со сребрена ѕвезда и број 1 на средина на рибонот и лентата;
• шесто учество – медал со златна ѕвезда на средина на рибонот и лентата и
• за учество во секоја следна мисија – медал со златна ѕвезда и последователен број на средина на рибонот и лентата.

(за шесто учество)
