Реакција на новите грб и знаме на Општина Пробиштип

Хералдика

На седниците одржани на 20.11 и 23.12.2015 година, Советот на Општина Пробиштип донесе одлука за избор на идејни решенија за нов грб и знаме на општината. Советот ги избра решенијата на авторот со шифра „Малена“.

Би сакал да го споделам моето длабоко разочарување што македонската територијална хералдика и вексилологија повторно добија грб и знаме со хералдички и вексилолошки недоследности.

Имено, на идејното решение за голем грб недостига венец. Композицијата од златни листови од црница, поставена околу штитот на избраното решение, не може да се нарече венец. Венецот од две гранчиња и панделка беше дел од конкурсот како дел од критериумите кои ќе се применуваат при изборот на најдобро рангираното идејно решение.

На избраното идејно решение за знаме, пак, е прикажан сосема друг грб од избраниот. Со отстранувањето на вкрстените рударски чекани од штитот и нивното поставување надвор од него, се менува блазонот на грбот и тоа веќе е друг грб.

По неколкуте недоследни избори спроведени изминатата година, се надевам дека македонските општини во иднина ќе обрнат должно внимание и постапката за избор на нов грб и знаме ќе ја третираат посериозно и поодговорно и онака како што доликува.