Општина Ново Село
На 17-тата седница на Советот на Општина Ново Село, одржана на 28.5.2014 година, беше донесена одлука за избор на нов грб на општината, според идејното решение на Коста Стаматовски.
Блазон
Расечен црно и злато, кула, во основата два брановидни ремени, сè обратно обоено.
Круна
Златна палисадна круна.
Венец
Златно костеново лисје обвиткано со црвена лента.
Симболика
Црната боја е симбол на трагичноста која произлегува од секоја битка, во овој случај Беласичката битка. Таа ја сублимира саможртвата на загинатите за независно опстојување и претставува потсетник за цената на толку посакуваната слобода.
Златната боја ја претставува светлината која се отсликува во црнилото на саможртвата и го наговестува незапирливиот порив кон златната иднина. Воедно, претставува симбол на природното изобилство на општината.
Кулата е силен говоречки симбол кој го отсликува културно-историското наследство на општината и воедно се надоврзува на важноста на местоположбата на истата, како македонски одбрамбен бедем, своевиден штит и авангарда на слободата.
Двата брановидни ремена со својата обратна обоеност претставуваат каскаден воден тек т.е. се симболи за водопадите на општината. Дополнително, со својата испреплетеност го симболизираат премрежјето на нашето независно опстојување и уште еднаш создаваат алегорија на утврдено одбрамбено место.
Текст за симболиката на грбот: Иван Нацевски

