Општина Охрид

територијална хералдика

На 27-та седница на Советот на Општина Охрид, одржана на 22.8.2014 година, беше донесена одлука за изменување на статутот на општината, со што Охрид конечно доби хералдички грб, изработен од Коста Стаматовски.

Блазон

Сино, на зелен брег сребрена ѕидина со порта меѓу две кули. Во подножјето вода. Над сѐ златен едреник со сребрено едро, снижен.

Круна
Златна бедемска круна со три кули ѕидана златно, на средишната кула порта, сета украсена со рубини и бисери.

Венец
Две зелени дабови гранки со златни желади, соединети со црвена лента.

Симболика
Симболите претставени на грбот на Општина Охрид се засновани на амблемот на општината од 1950-тите години, регистриран во регистарот на локални знаци во Обединетите нации како официјален општински симбол во 1967 година.

Ѕидината ја претставува Самоиловата тврдина, како еден безвеменски и препознатлив дел од охридското и македонското културно-историско наследство. Таа не може да се поврзе со ниту еден друг град. Со неа се нагласува битот на средновековната македонска држава.

Езерото како природно богатство е уникатно и препознатливо во светски рамки. Неговата старост и изобилството со ендемски видови го прават неодминливо како симбол на општината.

Едреникот претставува асоцијација на туризмот, кој е основната економска гранка на општината. Но, едреникот е и асоцијација на крстопат од огромно значење. Имено, преку него се потенцира положбата на Охрид на Виа Игнација. Секако, не помалку важна е и неговата симболика како средство за распространување на просветата и верата, две основни нешта по кои Охрид се издига високо над останатите градови.

Како историска македонска престолнина, круната на Општина Охрид е украсена со македонски рубини и охридски бисери, додека венецот е дабов.

Круната треба да послужи како симбол кој го истакнува и слави Самоиловото царство.
Рубинот е најскапоцениот македонски камен и практично национален камен. Охридскиот бисер е уште еден типичен симбол по кој Охрид е надалеку познат. Дабот е недвосмислен и незаменлив македонски симбол. Имено, еден цел вид од родот даб носи назив Quercus macedonica т.е. Македонски даб. Тука треба да се напомене и дека древномакедонските владетели се окитувале со венци направени од златни дабови ливчиња.

МАЛ ГРБ
СРЕДЕН ГРБ