Реакција на изборот на грб и знаме на Општина Кисела Вода

територијална хералдика

На седницата одржана на 10.6.2015 година, Советот на Општина Кисела Вода донесе одлука за избор на идејни решенија за нов грб и знаме на општината. Советот ги избра решенијата на авторот Ласко Џуровски.

И покрај негативното мислење на потпретседателот на Македонското хералдичко здружение, Петар Гајдов, во улога на член на комисијата како стручен советник, општината усвои симболи кои не се хералдички и вексилолошки.

Избраното идејно решение за грб на општината не ги задоволува хералдичките правила и стандарди, чија примена е дел од конкурсот како дел од критериумите кои ќе се применуваат при изборот на најдобро рангираното идејно решение. Имено, идејното решение не ги почитува хералдичките правила за редоследот и поделбите на елементите и ординариите на штитот и со тоа не може да се блазонира (хералдички да се опише).

Дополнително, во состав на идејното решение се употребени делови од знамето на Република Македонија. Иако се употребени само делови и генерално не се прекршени условите на конкурсот и ставот 2 од членот 10 од Законот за локалната самоуправа, сепак таквата пракса силно се обесхрабрува.

Избраното решение за знаме на општината, пак, не ги задоволува вексилолошките правила и стандарди, чија примена исто така е дел од конкурсот. Имено, идејното решение претставува едноставна апликација на грбот на црвено платно.

Се надевам дека општината ќе распише нов конкурс со цел да ги отстрани овие недостатоци и ќе усвои нови, квалитетни и пред сѐ хералдички и вексилолошки валидни решенија за грб и знаме.