Знаме на НАТО

Вексилологија

Знамето на Северноатлантската алијанса се состои од темносино поле на кое во бела боја е претставен амблемот на алијансата, кој претставува компас впишан во круг, од кој се протегаат четири линии. Тоа е усвоено на 14 октомври 1953 година.

Од 5 октомври 1951 година алијансата го употребувала знамето на Врховниот штаб на сојузничките сили во Европа (SHAPE), кое се состои од зелено поле со амблемот на штабот, во чие дизајнирање учествувал и генералот Двајт Д. Ајзенхауер.

Но, во август 1952 година новоформираната работна група за информациска политика ја утврдила потребата за усвојување на визуелен симбол кој најдобро ќе ги претставува вредностите на алијансата и му препорачала на советот на алијансата да усвои свое знаме и амблем.

Темносината боја го симболизира Атлантскиот Океан, компасот го симболизира патот кон мирот како клучен стремеж на земјите членки, додека кругот го симболизира единството кое ги обединува.