Одликувани Гоце Тодоровски, Коле Ангеловски, Бајруш Мјаку, Љупчо Каров, Бранко Огњановски и Васко Тодоров
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски ги одликуваше актерите Гоце Тодоровски, Коле Ангеловски и Бајруш Мјаку со Орден за заслуги за Македонија; а членовите на „К-15“ Љупчо Каров, Бранко Огњановски и Васко Тодоров со Медал за заслуги за Македонија.
Гоце Тодоровски се одликува за исклучителен и неповторлив придонес во развојот, популаризацијата и афирмацијата на театарската уметност. Со својот уникатен актерски талент се вмрежи во нашите срцa оставајќи неизбришливи траги во нашата историја, култура и традиција.
Коле Ангеловски се одликува за 60-годишната богата уметничка кариера како една од најкомплексните фигури на македонскиот театар и филм. Неговиот актерски, а пред сè режисерски опус остава длабока трага во меморијата на широката публика, неговото творештво е широко вреднувано и со непроценливо значење за целокупниот развој и популаризација на театарската и филмската уметност.
Бајруш Мјаку се одликува за неговата тридецениска кариера како еден од најзначајните актери во современиот македонски театар. Toj се втемели како една од централните театарски фигури во Република Северна Македонија.
Љупчо Каров се одликува за авторскиот придонес и за учеството во неповторливото хумористично шоу „К-15“, преку коешто пренесуваше уникатна социјална, политичка и економска сатира за состојбите во македонското општество и, воопшто, за сиот ангажман во радиото и телевизијата, за придонесот кон македонската музика, но и за неговиот граѓански активизам и за вклучувањето во зачувувањето на животната средина, со што остави неизбришливи траги во медиумскиот простор и македонската естрада, но и во севкупното општествено живеење.
Бранко Огњановски и Васко Тодоров се одликуваат за неповторливото хумористично шоу „К-15“, преку коешто пренесуваат уникатна социјална, политичка и економска сатира за состојбите во македонското општество. Како едни од најкарактеристичните телевизиски ликови тие оставија белег и поттик за развој на овој вид творештво и за идните генерации.
Орденот за заслуги за Македонија се доделува на сите оние кои со својот ангажман придонеле и направиле врвни остварувања во сите домени на општествениот живот на земјата.
Медалот за заслуги за Македонија се доделува за развој и афирмација во сите области на животот и работата во земјата.