Претседателот и пратениците на првиот парламентарен состав одликувани со Орден „8 Септември“

Фалеристика

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски ги одликуваше Стојан Андов, првиот Претседател на Собранието на Република Северна Македонија и пратениците на првиот состав на собранието од 1990 до 1994 година со Орден „8 Септември“.

Стојан Андов се одликува за неговото политичко делување како прв претседател на првото повеќепартиско собрание при што остави неизбришлив белег во процесот на градење на македонската парламентарна демократија, како и за неговиот значаен придонес кон донесување на неопходните државотворни акти и документи со кои јасно се трасираше патот за изградба на самостојна и независна држава.

Пратениците се одликуваат за донесувањето на државотворните акти и документи кои јасно ја изразуваа вековната желба на македонскиот народ и на останатите етникуми за изградба на самостојна држава, притоа уважувајќи ги сите граѓани без разлика на етничката или верската припадност, како и за изборот на првиот претседател и првата влада, за распишувањето на референдум за независност и за усвојувањето на првиот устав, химна и знаме, со што се удрија темелите на независна и суверена македонска држава.

Орденот „8 Септември“ се доделува на домашни и странски личности и организации за вонредни заслуги во конституирањето и изградбата на Република Северна Македонија, за исклучителен придонес за воспоставување и зацврстување на пријателски односи и соработка со други држави и меѓународни организации и афирмирање и јакнење на нејзината меѓународна положба и углед, како и за извонредни дела и заслуги на полето на безбедноста, одбраната и заштитата.