Безбедносните сили одликувани со Орден за воени заслуги и Медал за храброст

Фалеристика

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов ги одликуваше Единицата за специјални задачи и Единицата за брзо распоредување на Министерството за внатрешни работи со Орден за воени заслуги. Исто така, осумтемина припадници на безбедносните сили кои на 9 мај 2015 година загинаа во антитерористичката акција во Куманово посмртно ги одликуваше со Медал за храброст.

Единиците за специјални задачи и брзо распоредување се одликувани за особени заслуги и исклучителен придонес за зачувување на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија, како и за зацврстувањето на националната безбедност и сигурноста на македонските граѓани.

Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ се одликувани за покажаната исклучителна храброст и самопрегор во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, загинати како припадници на безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи.

Орденот за воени заслуги се доделува на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија за успесите кои ги постигнуваат на тоа поле.

Медалот за храброст се доделува на припадници на безбедносните сили на Република Македонија за искажана лична храброст и самопрегор на полето на одбраната, или во заштита на човечки животи или материјални добра во опасни ситуации.