Баталјонот за воена медицинска поддршка, Третиот пешадиски баталјон и Канцеларијата за соработка во одбраната на САД одликувани со Орден за воени заслуги
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски ги одликуваше Баталјонот за воена медицинска поддршка и Третиот пешадиски баталјон од Првата пешадиска бригада на Армијата на Република Северна Македонија, како и Канцеларијата за соработка во одбраната на Соединетите Американски Држави со Орден за воени заслуги.
Баталјонот за воена медицинска поддршка се одликува за високата професионалност, пожртвуваност и за исклучителниот придонес за извршувањето на мисијата на единицата преку зачувување и унапредување на здравјето на припадниците на армијата и на Министерството за одбрана и со тоа одржување на потребното ниво на борбена готовност, медицинска поддршка при справување и санација на елементарни непогоди и кризни состојби, учество во мировни операции и несебична професионална поддршка на Министерството за здравство при справување со пандемијата со КОВИД-19.
Третиот пешадиски баталјон од Првата пешадиска бригада се одликува за високата професионалност, пожртвуваност и за исклучителниот придонес за извршувањето на задачи при справување и санација на елементарни непогоди, обезбедување на јужната граница за време на мигрантската криза и поддршка во активностите за справување со пандемијата со КОВИД-19 во прогласените кризни региони во општините Дебар и Центар Жупа.
Канцеларијата за соработка во одбраната на САД се одликува за континуираната поддршка и помош во процесот на јакнење на капацитетите и стандардите на Армијата на Република Северна Македонија, како и за зајакнување на соработката и на партнерството помеѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија.
Орденот за воени заслуги се доделува на припадници на безбедносни сили за успесите кои ги постигнуваат на тоа поле.